Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Да изградиме мост на доверба со дијаспората PDF Print E-mail
Thursday, 06 July 2017 12:03

„За прв пат како влада работиме на тоа да изградиме мост на доверба со дијаспората. Тој мост треба да го изградиме заеднички“ – изјави Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора, на тематскиот форум „Предизвици, перспективи и потенцијали на миграциите“, организиран од страна на Цивика мобилитас, кој се одржа денеска (5.07.2017 година) во Чифте Амам, во Скопје. Учесниците развија широка дискусија за прашањата врзани за миграциите од Македонија, за придобивките од нив, како и за отворањето можности за соработка со иселениците.

Da izgradime most na doverba so dijasporata 1

Според  министерот Адеми, Македонија до сега немаше изградена јасна стратегија за соработка со дијаспората. „Новата влада реши да го подигне нивото на односите со дијаспората. Мислам дека е невозможна мисија да се сопре процесот на миграции. Но, важно е да ги идентификуваме луѓето. Мапирањето на дијаспората е една од клучните почетни точки за да добиеме јасна слика за тоа со што располагаме“, рече тој.

„Дијаспората е едeн од клучните столбови за развој на државата. Прашањето е колку таа систематски ќе се искористи. Јас како министер работам на еден патоказ кој ќе биде основа за соработката на државата со дијаспората, кој се темели на четири клучни столбови: политички, економски, културен и образовен. До есен овој документ ќе биде готов, за да можеме да ги видиме почетните позиции и да започнеме да ги градиме односите со дијаспората на здрави основи“, додаде министерот Адеми.

„Не можеме целиот товар да го фрлиме на државата“, рече Златко Николоски, претседател на здружението „Нов контакт“, констатирајќи дека граѓанскиот сектор мора да учествува во овој процес. „Во моите анкети констатирав дека граѓанскиот сектор е на пониско ниво во комуникација со дијаспората. Формата на организација на дијаспората сѐ уште не е на потребно ниво. Недостасува комуникација меѓу граѓанските асоцијации од земјата и тие на дијаспората. Се надевам дека државата ќе помогне на ова поле“, рече Николовски.

Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарска комора на Македонија, се осврна на големиот проблем што го има Македонија со иселувањето на медицинскиот кадар. Според податоците на Лекарската комора на Македонија, 866 лекари ја напуштиле Македонија во периодот од 2012 до 2016 година. „Доктори си одат од Македонија, а никој не доаѓа во Македонија. За жал, овде остануваат сѐ помалку и помалку“, изјави Гривчева-Старделова. 

Da izgradime most na doverba so dijasporata 2

Методија Стојчевски, претседател на Младински сојуз од Крушево, зборуваше за проблемите со кои се соочуваат младите, кои ги тераат да се иселуваат од Македонија. Според него, со тоа што остануваат невработени, младите стануваат маргинализирани и се чувствуваат потиснати од општеството. „Да ги охрабриме младите да се самоорганизираат во процесот на донесување на одлуки“, рече тој. 

„Ние иселениците се гледаме како луѓе ѝ се нудат за помош на Македонија. Како со способностите, така и со конактите“, рече Емилија Тодорова, претставник на Форум за демократска Македонија, заедница на иселеници од Република Македонија и нивните потомци од целиот свет. „Во светот сѐ помалку се зборува за одлив на мозоци. Се повеќе се зборува за циркулација на мозоци. Но, за жал, во Македонија и понатаму се случува одлив на мозоци“, констатира таа. Според Тодорова, законите во Македонија се многу ригидни и затоа треба да се размислува за подготовка на закон за дијаспора.

За потребата од донесување закон за дијаспора говореше и Методија Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора. „После скенирањето на дијаспората и донесувањето закон за дијаспората, очекуваме да се создаде едно широко министерство за дијаспората. Македонската дијаспора може да помогне во сите делови на општеството“, рече последниот панелист Колоски.

Излагањата на панелистите беа сaмо вовед во дискусијата во која се вклучија и останатите присутни, со свои мислења и предлози. 

Форумот го отвори нејзината екселенција Сибил Сутер Тејада, Амбасадорка на Швајцарија во Македонија, а за целта и концептот на Форумот говореше Даниела Стојанова од МЦМС, координатор на програмата Цивика мобилитас.

Форумот продолжи со работилница насловена „Заедно за акција: Потенцијалите од миграцијата за Македонија“.

 

Проекти

Civica Mobilitas Tacso

New

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Да изградиме мост на доверба со дијаспората