Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонија назадува во отвореноста на податоци за трошењето на јавните пари во однос на регионот PDF Печати Е-пошта
Четврток, 15 септември 2016 13:15

„Сакаме да го свртиме вниманието на позитивните искуства од регионот и да укажеме дека има потреба од поголема отвореност и достапност на податоците поврзани со трошењето на јавните средства“, рече на отворањето на конференцијата „Отворени податоци за трошење на јавните средства искуства од регионот и состојбата во Македонија“ Емина Нурединоска, раководител на одделението за граѓанско општество и демократизација во МЦМС. Горадана Гапиќ-Димитровска, раководител во Министерството за информатичко општество и администрација зборуваше за Отвореното владино партнерство и отворените податоци како клучен дел од него.

makedonija-nazaduva-vo-otvorenosta-na-podatoci-za-troshenjeto-na-javnite-pari-vo-odnos-na-regionot-1

Буџетската транспарентност е првиот чекор кон демократизација на буџетскиот процес и давањето можност на граѓаните да учествуваат во процесот на формулација и алокација на ресурси“, рече Дритан Фино од Министерството за финансии на Албанија. И покрај тоа што владата во Албанија седум од клучните осум буџетски документи ги направила достапни за јавноста, сепак, според Фино, постојат уште предизвици со кои ќе се соочат. „Подигањето на свеста на раководителите во владините тела за тоа колку е важна транспарентноста, подобрувањето на методите и алатките кои ќе помогнат за подобра информираност на граѓаните се меѓу клучните предизвици“, рече Фино. Позитивните искуства од нивните земји ги презентираа и Матијаж Мешњак, советник во Комисијата за спречување на корупцијата во Словенија и Лачезар Богданов, раководител во Индустри воч (Industry Watch) од Бугарија.

Габрила Димова од Центарот за економска анализа се осврна на Индексот на буџетска транспарентност и позицијата на Македонија во однос на другите земји. Таа потенцираше дека индексот не е резултат на перцепција туку на објективни критериуми. „Секоја земја може да биде транспарентна без дополнителни средства“, рече Димова, „доволно е да ги објави податоците кои секако ги поседува“. Во поглед на регионот, Македонија е на дното на табелите во однос на учеството на граѓаните во подготовката на буџетот, објавувањето на податоците и другите параметри.

makedonija-nazaduva-vo-otvorenosta-na-podatoci-za-troshenjeto-na-javnite-pari-vo-odnos-na-regionot-2

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации зборуваше за новата веб платформа за отворени податоци која треба да ја зголеми информираноста за начинот на кој се трошат парите на граѓаните во Македонија. „Граѓаните ќе можат да видат колку пари од нивните плати, на дневна основа, се слеваат во буџетот. Бевме „инспирирани“ од бројните информации за тоа што направила владата. Сакаме да им укажеме на граѓаните дека не станува збор за таму некои пари, туку за нивните пари“, рече Факиќ. Покрај тоа таа презентираше и како на неколку „клика“ можат да се проверат јавните набавки во општините и да се види кои се компаниите кои најчесто добиваат договори со општините.

Марија Саздевски од МЦМС зборуваше за законската рамка, а Ана Петрушева од Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) се осврна на проблемите со обезбедување податоци кои се соочуваат новинарите во подготовката на истражувачките стории. За еден од примерите за кои зборуваше, „Скопје 2014“, истакна дека не можеле да ги најдат авторските договори. „Единствено што можевме да дознаеме се колкави се обврските на државата, ама не знаме колку навистина државата платила“, рече Петрушева и додаде „додека колегите во регионот гледаат плаќања на дневно ниво, ние не можеме да го добиеме дневниот ред на состанокот на владата“. Таа рече дека институциите имаат два пристапи, или ги игнорираат, или недоставувањето на податоците го оправдуваат со лични податоци изнесени во документите.

Конференцијата одржана на 14.9.2016 година беше дел од Програмата на УСАИД за борба против корупцијата што ја спроведува МЦМС со партнерите: Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦ), Транспарентност Македонија и Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар (АДИ). 

 

Проекти

Civica Mobilitas Tacso

Ново

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Македонија назадува во отвореноста на податоци за трошењето на јавните пари во однос на регионот